Законот за игри на среќа ставен на дневен ред во Комисијата за европски прашања

Уште еден судир во Собранието за измената на законот за коцкање денеска во Комисијата за европски прашања, по вториот обид на првиот човек на Комисијата, Арбер Адеми, точката да ја стави на дневен ред. Од опозицијата велат дека никој не е против дислокација на овие објекти на најмалку 500 метри од образовните и верски институции, туку се против обидот на власта, како што велат, да легализира уште една димензија на коцкањето, онаа онлајн. ДУИ пак, ја обвинува опозицијата за блокирање.
Од Алијанса за Албанците ја бранеа иницијативата. Дури побараа доколку опозицијата има забелешки да се договорат за враќање на нивниот предлог, односно да се дозволи коцкање само во хотели со 5 ѕвезди. Станува збор за предлогот кој го поднесоа во 2022 година и кој е сè уште блокиран во Собранието.
Опозицијата бара власта да ја повлече оваа иницијатива и да преговара за ново решение.
Фатлуме Дервиши