Законот за јазици пет години по усвојувањето не се применува во целост

Законот за употреба на јазиците наскоро ќе се најде под лупа на Уставниот суд за да ги испита спорните членови за кои пред највисокото судско тело во државата се поднесени 13 иницијативи, од кои едната на ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција.
Законот, според подносителите на иницијативите, е неуставен бидејќи, според нив, предвидува албанскиот јазик да биде втор службен јазик во сите институции на централната власт.
Ова, меѓу другото, е предвидено во член 2 од законот, каде што се нагласува дека државните и локалните органи се должни во сите постапки да комуницираат покрај македонски, и на албански јазик.
Член 2 став 3 од Законот за употреба на јазиците:
„Во институциите на државната власт во Република Македонија, од членот 1 став (3) на овој закон, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, е и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговот писмо во: комуникација, употреба и спроведување во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои ја сочинуваат државната власт…“
Но, тоа не е спроведено во голем број институции.
Спорно прашање останува имплементацијата на законот во судските постапки, за што критикуваше и Венецијанската комисија, бидејќи според нив, обврските што произлегуваат од овој член се нереални и скапи за спроведување, бидејќи самите институции мора да обезбедат средства за преведувачите.
Член 9 од Законот за примена на јазиците:
„Во судски, управни, извршни постапки, постапки за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, спорни и вонпарнични постапки, како и други постапки пред судови, јавни обвинителства, се применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо“.
Останува спорен и неприменет членот 8, во кој, меѓу другото, се предвидува и употреба на албански јазик на банкноти и униформите.
Член 8 став 1 и 3:
„Банкнотите и монетите, како и поштенските марки, ќе содржат симболи кои го претставуваат културното наследство на граѓаните кои го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.
И униформите на полицијата, пожарникарите, здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик , треба да бидат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и нејзиното писмо“.
Законот продолжува да биде тема на дебата и 6 години по неговото усвојување.
Суад Бајрами