Законот за наставници блокиран во собраниската Kомисија за образование

Власта и опозицијата ги продлабочуваат разликите за предлог-законот за наставници и стручни соработници. Од ВМРО ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека со ова законско решение не се зголемуваат платите на наставниците, туку се политизира средното и основното образование. Македонската опозиција тврди дека со донесувањето на овој закон се укинуваат главните механизми за квалитет во образованието.
Од СДСМ го велат спротивното. Според нив, опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ се во насока на блокирање на покачувањето на платите. Власта ја обвинува опозицијата дека 8 месеци го држи во заложништво најважниот закон за основно и средно образование.
Албанската опозиција оценува дека театарот на двете партии од македонскиот политички блок ги има за цел политичките интереси на двете партии. Според нив, доколку ВМРО и СДСМ се за зголемување на платите на наставниците, тогаш би го прифатиле нивниот амандман за зголемување на платите на наставниците и стручните соработници во образованието, без да се вклучат избрани и именувани лица. Предлог-законот за наставниците 8 месеци е во собраниска процедура. Измените што ги предлага Владата опфаќаат укинување на двегодишното подготвително искуство и итна одлука за вработување на неопределено време.
Адриан Керими