Законот за правична застапеност главна тема на седницата за отчет на министрите

Пратеникот од Европскиот фронт, Елми Азири, на седницата за пратенички прашања, го критикуваше министерот за јавна администрација дека со предлог-законот за правична застапеност се прави обид за одолговлекување на надзорот врз вработувањата преку формирање комисија. Без воведување на софтверски механизам наместо балансерот, законот не може да биде вистински, рече Азири.
„Значи има недостаток на гаранција за ефективна примена на законот, недостасува гаранција за етничката припадност на оние на кои им е наменет овој закон, недостасуваат заштитни механизми, обврзувачки механизми кои ќе ги натераат институциите на државата да го спроведат законот. Недостасуваат и санкции за неговото непочитување“, рече Азири.
Но, министерот Минчев одговори дека за укинување на балансерот се согласила и претходната владина гарнитура предводена од ДУИ. Тој уверува дека координативното тело ќе го следи процесот на еднаква застапеност, а за механизмите ќе се одлучи откако ќе се добие мислење од Венецијанската комисија.
Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го праша премиерот кои се плановите на Владата во однос на евроинтеграциите, потсетувајќи го на сите негови најави за една година за конкретни решенија, како што се промена на преговарачката рамка, но и уставни измени со одложено дејство.
Мицкоски рече дека нема проблем во тоа да се вклучат и други етнички заедници во Уставот, но проблемот го гледа во тоа што некој друг го негира неговиот идентитет.
Како и на другите седници со пратенички прашања, и денес беше забележано отсуство на некои функционери, односно министри или заменик-министри кои требаше да бидат присутни за да одговорат на прашањата на пратениците.
Зекирија Хаџиу