ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Законот за рестриктивни мерки ветен и инициран од ДУИ, нема епилог

Законот за рестриктивни мерки ветен и инициран од ДУИ, нема епилог

Влегуваат во американската црна листа, но немаат никакви правни последици во земјава. Законот за рестриктивни мерки со кој требаше да се отвори пат за судско процесирање на лицата од црните листи на САД и ЕУ, сè уште не е изгласан во Парламентот, иако беше меѓу ветувањата на ДУИ и инициран од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Да, тој е во Собранието. Законот е во Собранието. Законот е во Собранието и сигурно ќе помине во иднина. Во врска со ова, Рамиз Мерко е на црната листа, но и понатаму е активен во партиските активности. Зошто? Ние апсолутно не ги оспоруваме одлуките на Стејт департментот. Ќе ја прифатиме секоја проценка што ќе ја даде Стејт департментот“, рече Али Ахмети, Лидер на ДУИ.

Мерко со месеци е на американската црна листа, но и понатаму си е активен во партиските активности. Неговиот луксузен автомобил дури беше понуден на користење за организација на Самитот на ОБСЕ во Скопје.

За блокадата на Законот за рестриктивни мерки од СДСМ го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ.

Шефот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, вели дека Македонија донела закон за меѓународна соработка во кривичната материја со кој се дава можност Министерството за правда или Јавното обвинителство да иницираат соработка со странски органи за информирање, документирање и собирање материјални докази за истраги. Милошоски на социјалните мрежи одговори на обвинувањата од СДСМ.

„Владата, министерот за правда и ЈО, доколу имаат политичка волја за сериозна борба против корупцијата, имаат важечки законски основ без одолговлекување преку Министерството за правда веднаш да испратат замолница до надлежните органи на САД за достава на сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на ‘црната листа’. Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим и да поведе самостојна или заедничка истражна постапка и да оформи/да процесуира кривично-правни предмети пред надлежните институции во Македонија“, изјави Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, од албанската опозиција ВРЕДИ најавуваат политичка одговорност за овие лица кога ќе дојдат на власт.

„Сите граѓани на Северна Македонија очекуваат американската администрација да ја истражи специфичната улога на обвинителите, судиите, експертите, истражителите и државните институционални раководители, сите избрани или именувани со политичко влијание на ДУИ, за спречување на обвинувања, судења, спречување на казните, како и заштита од конфискации во сите случаи на нивниот криминален партнер – Сашо Мијалков. Промената доаѓа. За ослободувањето на Мијалков ќе има политичка одговорност. Правдата ќе се врати на своето место… Уставниот амандман за спречување на застарување на кривичните дела сторени со политичка корупција е чекор во оваа насока“, велат од „ВРЕДИ“.

Американскиот Стејт Департмент вчера ја прошири листата со уште две имиња, поранешната обвинителка Катица Јанева и првиот човек на општина Карпош, актуелен кандидат за претседател Стевче Јакимовски. Претходно на списокот се најдоа Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев и некои други./Алсат.мк

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button