Законски измени за забрана за употреба на пиротехнички средства во затворен простор

Забрана за употреба на пиротехнички средства во затворен простор и зголемување на глобите за физички и правни лица се предлага во измените и дополнувањата на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир кој е на дневен ред на денешната нова 42. собраниска седница.
Законското решение се предлага од неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ по тргедијата во Кочани во која на 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица а беа повредени повеќе од 190.
Во образложението на измените и дополнувањата на Законот, што се предлага да се донесе по скратена постапка, пратениците наведуваат дека целта е да се направи интервентна измена во Законот за прекршоците против јавниот ред и мир како резултат на трагедијата во ноќниот клуб во Кочани што предизвика сериозни последици по животот на голем број граѓани. Имајќи ги предвид заложбите на сите релевантни структури во државата за понатамошно превенирање на ризиците од неовластена злоупотреба на експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор, се предлага измена на законската регулатива во насока на забрана на употреба на експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор.