Законските измени за онлајн игрите на среќа поминаа во прво читање во Собранието

Едногласна поддршка дадоа пратениците во првото читање на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, со кој се пристапува кон регулирање на онлајн приредувањето игри на среќа и санкционирањето на злоупотребите.
На 34. седница на Собранието на која оваа точка се најде на дневен ред, образложение за предложените законски измени даде министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој нагласи дека главната цел е да се спречи нелегалното коцкање и да се заштитат граѓаните од злоупотреби и финансиски малверзации.
„Измените во овој закон ќе ни овозможат како Министерство да се справуваме со овие прашања, во соработка со Министерството за финансии и Агенцијата за електронски комуникации“, ресе ресорниот министер.
Тој објасни дека по добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за тоа кои провајдери немаат добиено лиценца за приредување онлајн игри на среќа и по верификација од Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до Агенцијата за електронски комуникации за прекинување на правото на пристап до овие провајдери, односно веб страници.
На овој начин, ќе им се забрани пристапот до нив за граѓаните од Македонија.