ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заладените односи со Бугарија, можат да го вратат назад евроинтегративниот процес

Вжештената реторика на политичарите, но и јавноста во двете земји можат да го вратат назад евроинтегративниот процес на земјава, оценува поранешниот амбасадор Тихомир Илиевски. Тој очекува земјава наскоро да ги започне преговорите за членство, но сепак изразува сомнеж, поради, како што вели, менталитетот на дел од актуелниот бугарски естаблишмент. Коментирајќи ја последната изјава на бугарскиот претседател Радев, Илиевски вели дека е крајно време земјите од Балканот да го следат примерот на евроинтегративниот процес на балтичките држави, каде соседите пружале материјална и политичка поддршка за што побрзо членство во НАТО и ЕУ.

„Подобро искуство од една земја, наша соседна земја со која сакаме да имаме извонредно добри односи, како со сите други соседни земји, со Република Бугарија, апсолутно треба да го почитува тоа искуство и да почне да ги применува тие стандарди. Не да се држи до изјави кои се врзани за историјата, за периоди од пред неколку века и да се обидува со тоа пред се да влијае врз своите луѓе, а потоа да влијае негативно и врз целата комуникација со Европската унија“, вели Тихомир Илиевски – поранешен амбасадор.

Советот на амбасадори, каде Илиевски членува, веќе реагираше дека отворање на културен клуб кој го носи името на контроверзна личност е несоодветен обид за промоција на напредок во приближување на ставовите на двете Влади. Сепак, според Илиевски, мора да се внимава и на говорот на домашната јавност.

„Реакции на многу наши граѓани после овој настан од саботата и после именувањето на тој клуб што беше отворен во Битола, со името на човек кој е синоним на некои ситуации кои 50 години после Втората светска војна целата јавност ги осудува, затоа што инкриминира кон нацизмот и фашистичката идеологија, не можат да направат позитивен исчекор во тој правец и можат да го одведат целиот процес назад“, оценува Илиевски.

Советот на амбасадори изминатава недела оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски и како што открива Илиевски, тие стојат на располагање за конкретизирање на ставовите за начинот на кој земјава треба да ги продолжи преговорите со Бугарија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button