ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заменик-министерката за правда, Мадиќ, против Законот за амнестија

Предлог-законот за амнестија во четврток треба да се најде пред пратениците. Меѓутоа се чини дека во власта постои разногласие околу поддршката за него. Имено, законот за амнестија е предлог на министерот за правда Кренар Лога, но неговата заменичка од СДСМ, Викторија Аврамоска Мадиќ, не се согласува со ваквото законско решение кое се предлага за да се намали бројот на затвореници.

Advertisements

„Постојат и други алтернативни мерки. Не мора со закон за амнестија да се испразнат, а тоа може да биде и условен отпуст. Тогаш мислам дека може и многу повеќе да се намалат затворите бидејќи анализите на Управата за извршување на санкции покажаа дека сега станува збор за многу помал број на затвореници кои би напуштиле со овој предлог-закон“, вели Викторија Аврамоска Мадиќ-заменик министер за правда.

Претходно пак, министерот Лога се судри со неговата заменичка откако рече дека тој лично бил против измените во Кривичниот законик кои формално ги потпиша, односно ги поднесе неговата заменичка Мадиќ.

Против предложената амнестија се изјасни денеска и претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиевски.

„На некој начин се врши упад во судството со ваквите измени. Се наоѓаме во една состојба каде што судството е на удар на критики, а имаме состојба каде извршната власт донесе закони кои автоматски се одразија, како последица на застарување на добар дел од предметите, познати, звучни во јавноста…“, вели Георгиевски.

Во една ваква ситуација, дел од судиите се жалат дека додека политичарите носат закони, товарот паѓа врз судот иако судовите и обвинителите немаат никаква врска со законските решенија.

„И законот за амнестија кој треба да биде донесен. Прашањето е дали има соодветна анализа колкав е бројот на лица кои ќе добијат амнестија и дали амнестијата како политичка одлука на отпуштање на дел од осуденичката популација ќе биде соодветна на сметка на она што ние го имаме во судството, а тоа е условниот отпуст…“, вели судијата Лазар Нанев.

Охрид деновиве е домаќин на глобалниот самит за дигитализација на правосудството каде во присуство на стручната фела се зборува и за овој сериозен предизвик.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button