
Дел од продавачите на зелениот пазар во Скопје одлучија воопшто да не ги отворат тезгите, а некои, иако се присутни на пазарот, одбиваат да ги продаваат своите производи по замрзнатата цена. Велат дека ги купиле по двојно повисока цена и немаат намера да ја спроведат одлуката на Владата.
Купувачите се жалат на високите цени, велат дека не забележале намалување според последната одлука на Владата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.
Министерот за економија призна дека има многу аномалии во спроведувањето на одлуката за замрзнување на цените. Тој најави координативна средба во Влада, а ги повика сите инволвирани страни да учествуваат на оваа средба, бидејќи подвлече дека законите ќе треба да се почитуваат до крај.
„Сакам да го искористам моментот и јавно да кажам, пред се, да се заблагодарам на мрежата на супермаркети, а особено да ги повикам увозниците на овошје и зеленчук, да дојдат на состанокот, да не бегаат од средбите, заедно со претставниците на стопанските комори, бидејќи кај нас законите ќе се почитуваат до крај. Почнувајќи од Царинската управа, од УЈП, од фактурите што им ги даваа на соседната царина и дупликатите што ги даваа на нашата царина. Откако ќе заврши координативната средба, јас самиот ќе ги доставам сите информации до надлежните органи, па подобро е тие да дојдат и да ги почитуваат одлуките”, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Од вчера стапи на сила замрзнувањето на овошјето и зеленчукот, а со одлука на Владата се замрзнаа цените и кај некои други основни производи како белиот леб, млекото и млечните производи, средствата за хигиена, јајцата и оризот.
Ајнур Бафќари