Занаетчиите едвај крпат живот, а Владата им ги дотерува излозите

Многу занаетчии во земјава не можат да се справат со тешкотиите создадени од кризата со Ковид-19, а сега и економската и енергетската криза. Плаќаат индустриска струја, поскапо купуваат основни материјали, а остануваат и без работна сила. Ова натера многу од нив да ги заклучат своите продавници. Само во текот на годинава, 120 од нив го затвориле бизнисот. Неправедната игра од сивата економија им нанесува дополнителна штета. Од институциите велат дека прават напори да им помогнат на занаетчиите, но состојбата на терен покажува дека тоа не е доволно.
Министерот за економија Крешник Бектеши во заложбите на Владата да ги задржи занаетчиите активни ја спомена и промената на излозите, но на терен се гледа дека на занаетчиите не им требаат нови излози, туку вистинска економска помош.
„Сумата од програмата на Министерството за економија како поддршка за занаетчиите воопшто е околу 100 илјади евра. Во последната одлука дел од занаетчиите беа поддржани од Владата во делот за снабдување со електрична енергија, за жал на почетокот немаше простор сите да се вклучат“, рече Бектеши.
Во Регистарот на занаетчии во Скопје се запишани околу 2.000 лица. Денеска Занаетчиската комора на Скопје прослави 90 години од формирањето во 1932 година.
Еви Шкопи