„Западните“ вакцини ги нема, Македонија ќе трча по руски „Спутник“

Македонија ќе се снабдува со 100.000 руски вакцини Спутник. Премиерот Заев соопшти денеска дека дал ваква наредба велејќи дека нема да штеди ниту една опција што постои како можност за снабдување со вакцини.
До синоќа над 1.000 здравствени работници беа имунизирани со вакцините „Фајзер“. Но, меѓу нив бил и секретарот на охридската болница, за чија вакцинација остро со осуда реагираше и министерот за здравство. Овој случај, Филипче го опиша како злоупотреба и кршење на приоритетите за вакцинација, истовремено предупредувајќи на санкции.
Ниту едно лице кое не е во групата што во моментов има приоритет за вакцинација, а таа група се само здравствени работници кои работат во ковид-центрите и со пациенти со ковид, не треба да се вакцинира. Списоците за вакцинација беа доставени од директорите на болниците. Тие од утре ќе се ревидираат, а ќе има санкции за оние што сториле злоупотреби – велат од Министерство за здравство.
Директорот на охридската болница изјави дека секретарот на болницата бил вакциниран затоа што бил во постојан контакт со Ковид центарот. Тој дури додаде дека ќе преземе одговорност доколку е потребно. Инаку, денеска вакцинацијата не се одвиваше бидејќи било недела. Ќе продолжи утре во 8 наутро. Инаку, во последниве 24 часа, регистрирани се 254 позитивни случаи, 16 лица починаа, а бројот на оздравени е 151.
Вјолца Алити