Запленети околу четири тони марихуана во валандовското село Јосифово

Од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје и СВР Струмица-ОВР Валандово запленети се околу четири тони марихуана од правно лице во село Јосифово, Валандово.
Како што денеска соопштија од МВР, при крајот на октомври и почетокот на ноември 2024 година во правното лице за производство,трговија и услуги со приоритетна дејност, одгледување на останати повеќегодишни посеви и добиена лиценца за одгледување на марихуана за медицински цели, била извршена контрола од страна на Комисијата при Министерството за здравство, по барање на МВР и во присуство на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Струмица-ОВР Валандово.
Во текот на контролата биле утврдени бројни неправилности околу произведената марихуана за медицински цели, при што е известен надлежен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, кој дал наредба да биде извршен претрес во правното лице, по претходно издадена наредба од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Гевгелија и Комисијата при Министерството за здравство за исполнетост на условите за простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за производство на марихуана за медицински цели.
– Од претресот беше утврдено дека во 500 кутии со околу 1390 килограми, кои се декларирани со етикета која е залепена на секое пакување дека содржи ТХЦ сув цвет, содржината во пакувањата не содветствува со декларацијата. Од страна на јавниот обвинител издадена е наредба за вештачење до Фармацевтски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на пакувањата кои се декларирани дека содржат марихуана сув цвет со ТХЦ. Од вештачењето е утврдено дека содржината во пакувањата е фалсификувана односно наместо сув цвет на марихуана содржи отпад, гранки, листови, био маса и многу мала фракција на суви мали иситнети цветови, со што е извршено кривично дело по член 95В и член 29Г од Законот за опојни дроги, се појаснува во соопштението.
Од страна на ОВР Валандово и ОКП биле извршени проверки и повикани на службен разговор 16 лица, меѓу кои сопственици на правното лице, поранешен управител, обезбедување, како и работници кои биле ангажирани на тримирање и чистење на марихуаната.