ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Започнува дебата за промена на Изборниот законик

Неофицијално наредната недела се очекува да се конституира работната група во Министерството за правда која ќе работи на нов Изборен законик. Во неа ќе членуваат експерти, претставници на невладиниот сектор, на ОБСЕ, како и членови номинирани од парламентарните партии. Тие ќе започнат со работа и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ не номинираше свој претставник во определениот рок, иако од Министерството за правда понудија нивниот член дури да биде и претседател на работната група. Од Министерството за Алсат велат дека поканата е отворена, па доколку изразат желба ги очекуваат ВМРО-ДПМНЕ на состаноците на кои ќе се крои новиот Изборен законик.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски претходно кажа дека прво очекува да чуе каков ќе биде ставот на владината коалиција за предлогот за една изборна единица, поради разногласието меѓу владејачките партии. Тој последно преку социјалните мрежи единствено сподели дека на средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ, Килијан Вал информирал дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа техничките препораки на ОБСЕ-ОДИХР, а за изборниот модел најпрвин ќе чека Владата да се усогласи.

Во меѓувреме, што се однесува до дебатата во јавноста која се покрена по барањето на помалите партии за една изборна единица, експертите велат дека актуелниот изборен модел е втор по пропорционалност во Европа, а евентуалната промена крие ризици во функционирањето на државата.

„Македонскиот изборен модел е втор од 32 европски држави според својата пропорционалност, што не упатува на тоа дека можеби треба да се размисли или за зачувување на актуелниот изборен модел или барем да се биде внимателен при евентуална негова промена“, вели Кристијан Фидановски – политиколог.

„Ризикот од дополнително комплицирање на владејачките коалиции, во насока на нивна стабилност односно нестабилност, а сето тоа во контекст на високиот клиентелизам, ниското ниво на политичка култура, големиот број на вонредни парламентарни избори итн. може да создаде многу понестабилен политички амбиент“, рече Марко Трошановски – Институт за демократија „Социетас цивилис“.

Целта на Министерството за правда е новиот Изборен законик да биде усвоен неколку месеци пред одржувањето на избори, а од ДИК велат дека се подготвени за имплементација.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button