Заре Милошевски – нов директор на АНБ

Владата на денешната седница го именуваше Заре Милошевски, за нов директор на Агенцијата за национална безбедност.
„Милошевски на оваа позиција доаѓа од позицијата помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистерот, во рамките на АНБ. Има искуство во организирање и раководење со ресурсите на организациската единица за заштита на уставниот поредок и борба против тероризмот“, наведоа од Владата.
Милошевски доаѓа на местото на Виктор Димовски, кој на позицијата директор на АНБ дојде во јуни 2019 година. Димовски го завршува директорскиот мандат со тоа што не даде отчет во Комисијата за надзор на работата на АНБ, и Агенцијата за разузнавање за скандалот со државјанството на прорускиот олигарх Олександер Онишченко, избегнувајќи го продолжението на седницата на Комисијата која е свикана за в четврток. Но, одговорноста за веќе веќе одземеното државјанство на Онишченко може да го остави Димовски без амбасадорско место, доколку се утврди лична одговорност во случајот со „рускиот шпион“, како што го опиша Онишченко, претседателот Стево Пендаровски минатата недела во „ Патот кон”.
Сѐ зависи од Владата и двата извештаи, извештајот на АНБ за постапката, и извештајот на МВР за истрагата. Ако не се утврди одговорност, Димовски ќе замине во Париз како амбасадор.
Димовски си заминува од АНБ, но зад себе остава илјадници непотпишани барања за државјанство, многу институции имаат застој во процедурите поради немањето безбедносни сертификати за вработените и пред се ја остава АНБ без новиот објект кој требаше да ја направи независна оваа институција, од МВР.
Адријан Керими