Засега нема обвинение против Русковска

Надлежниот обвинител кој постапува по кривичната пријава што Арафат Муареми ја поднесе против обвинителката Вилма Русковска прибира доказен материјал. Поранешниот директор на Финансиската полиција реши правдата да ја бара по судски пат, откако ја оспори законитоста на претресот што обвинителката го изврши во неговата канцеларија. Токму поради оваа пријава, Советот на јавни обвинители вчера реши Русковска да остане суспендирана, за да не може да влијае на постапката. Од ОЈО за Алсат велат дека во моментов за оваа постапка нема одлука за покренување на обвинение против Русковска, но според нивниот одговор, не е исклучено инволвираните наскоро да бидат повикани за исказ.
„Во моментов се работи на прибирање на материјална документација од повеќе надлежни институции, по што ќе бидат обезбедени и вербални искази од сите лица кои би можеле да имаат сознанија неопходни за утврдување на фактите. По обезбедувањето и анализата на прибраниот доказен материјал ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, велат од Основното јавно обвинителство.
Токму ова Обвинителство, предводено од Љубомир Јовески, при неодамнешниот надзор утврди низа неправилности при претресот во Управата. Поради тоа Јовески ја суспендираше Русковска, но против неа, како и нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска покрена и дисциплинска постапка за намерна и неоправдана крупна професионална грешка. Сепак, неофицијално петчлената дисциплинска комисија сè уште не заседавала.
„Предлогот за поведување дисциплинска постапка во конкретниот случај е доставен до дисциплинската комисија, која понатаму се грижи за текот на постапката“, додаваат од ОЈО.
Доколку Комисијата утврди тешка повреда, за делото е предвидено разрешување или казна, одбивање на дел од платата.
Лука Андреев