ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Засега нема решение за дивата депонија во Никуштак

Засега нема решение за дивата депонија во Никуштак

Итната седница за судбината на депонијата во Никуштак, заврши без епилог и со жестока расправија меѓу советниците и првиот човек на општина Липково.

На седницата учествуваше и претставник од Министерството за екологија, кој само рече дека затворањето на оваа депонија во моментов е невозможно бидејќи општината нема доволно пари. Додаде дека врз основа на договорот со локалната власт, нејзиното чистење треба да почне за два месеца.Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи рече дека ова е единствената алтернатива за трајно решение на проблемот. Тој нагласи дека сега централната власт се занимава со ова прашање.

„За среќа, ние сме во процес од кој нема враќање назад како општина. Дури и да сакаме да се повлечеме има владина одлука. Тоа е повисока политика, државна, која се прави на ниво на региони за да се реши овој проблем“, изјави Еркан Арифи, градоначалник на општина Липково.Иницијаторот на денешната седница, советникот на Алијанса за Албанците, Бастри Реџепи, рече дека договорот за кој говорат властите датира од 2018 година, но тој не дал никаков резултат. Тој побара итна дислокација на депонијата.

„Почитувани советници, ова е рак кој жителите на овој крај го апсорбираат, а секој од нас е одговорен за тоа бидејќи не преземаме ништо за да ја дислоцираме оваа депонија. Секој ден токму поради оваа депонија ние сме жртви на оваа 20 годишна неодговорност што ни се случува. Тоа не го дозволува ниту моралот, ниту законот“, рече Бастри Реџепи, советници во општина Липково.

„Што да ставиме на гласање? Ќе го ставиме на гласање, но знаете што ќе се случи со гласањето. Сакаш после гласањето да излезеш на Фејсбук и да напишеш дека советниците на ДУИ се против отстранување на депонијата во Никуштак“, изјави Зекирија Шаини, претседател на Советот во општина Липково.

Планот на министерството е да изгради регионална депонија и центар за рециклажа кај Свети Николе. Отпадот натаму да се пренесува од собирниот пункт во Куманово. Проектот треба да биде готов до крајот на 2026 година, за кога е предвидено и целосно отстранување на депонијата од Никуштак.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button