
Десетина компании кои се занимаваат со производство на марихуана ставија клуч на врата. Причина за тоа според бизнисмените се ограничените можности за водење бизнис. Од здружението Мак Канабис за Алсат велат дека и покрај ветувањата на Владата дека ќе им дозволи да извезуваат цвет од канабис за медицински цели тоа не се случи, па фирмите почнале полека да ја губат ликвидноста.
„Владата не го исполни ветувањето. Ни дадоа можност да инвестираме во овој бизнис и подоцна не го почитуваа договорот. Сега сме принудени да ги затвораме компаниите. Ќе изгубиме многу пари“, наведуваат од „Мак Канабис“.
Со исти маки се, како домашни, така и странски инвеститори кои отвориле фабрика во Македонија за производство на канабис за медицински цели. Според информациите кои ги добивме од здружението, Владата на неколку пати им ветувала и на странските бизнисмени дека ќе се овозможи извоз на цвет преку законски измени, но тоа никогаш не се случи.
Дополнително на тоа, во меѓувреме Владата им ги одзема лиценците на десетина фирми поради непочитување на „правилата за игра“ во бизнисот со марихуана.
„Одземените лиценци се поради неисполнување на условите по однос простор, опрема и кадар по однос член 29 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции“, велат од владата.
Од Здружението Мак Канабис велат дека лани без лиценца за работа останала и фирмата за одгледување на канабис за медицински цели и на роднините на поранешниот премиер Зоран Заев. Заклучиле дека бизнисот повеќе не им е исплатлив. Инаку, до пред две години во Македонија во овој бизнис имаше околу 60 компании. Сега бројот е речиси преполовен. Платите на вработените во овој бизнис се движат од 700 до над 1.000 евра.
Иле Петревски