Затворање на аферата прислушување и ветувањата на Заев

Со триумфализам, поранешниот лидер на опозицијата Зоран Заев, почна да ги објавува прислушуваните разгвоори за да се вратат како што тврдеше, слободата, демократијата и владеењето на правото во Македонија. Масовните прислушувања кои Заев ги имаше добиено и објавено како индиции за сторени кривични дела од страна на власта предводена во тоа време од Груевски, се однесуваа на периодот 2008-2015 година. Но, дали некој веруваше дека прислушуваните разговори кои го соборија Груевски од власт а јавноста беше сведок на невидени криминали и злоупотреби ќе заврши без кривична одговорност?! Самиот Заев неколку пати имаше изјавено дека одговорност ќе има, а одговорност се бараше и на протестите на „шарената револуција“ .
По објавувањето на десетици прислушувања, неколкумесечни протести и по вооружениот конфликт во Куманово, со притисок од меѓународниот фактор беа исполнети основните барања на Заев: формирање на Специјалното обвинителство, предвремени парламентарни избори и 100 дена техничка влада.
Иако Заев тврдеше дека правдата ќе биде задоволена и на плоштадот ќе се постави бројчаник на вратените пари во буџетот на граѓаните, од судските одлуки и конфискуваниот имот, тоа не се случи. Згасна СЈО, кое отвори десетици предмети врз основа на прислушувањата, вклучувајќи го и предметот за масовното прислушување на над 20 илјади граѓани познато како „Таргет-Тврдина“, обвинение кое беше повлечено пред неколку дена.
Поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, го избегна најтешкото кривично дело за кое беше обвинет, а неговите соучесници Горан Грујевски и Никола Бошковски ќе бидат гонети за намерно уништување на опрема за прислушување.
Адриан Керими