Затворениците ќе добијат здравствено осигурување
Затворениците ќе добијат здравствено осигурување

Затворениците повеќе нема да се лекуваат во болниците како неосигурани лица, туку ќе имаат здравствено осигурување веднаш по влегувањето во затворскиот систем, а не со едномесечно одложување како што тоа беше досега, соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски. Претходно пак поради административни пречки затворениците биле пријавувани еден месец подоцна, што значи дека управата плаќала дополнителни трошоци за евентуален преглед на затвореник во првиот месец од неговиот престој.
„Она што го направивме е дека во основа ја дигитализиравме постапката и затворите нема да имаат потреба да одат во подрачни служби и да прават пријави и одјави на затворениците, а управата ќе добие увид во базата во фондот за колку пријавени затвореници треба да платат здравствено осигурување. Тоа ќе го скрати времето и ќе ја олесни координацијата„, рече Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.
Покрај здравственото осигурување, затворите во земјава се соочуваат и со недостиг на медицински кадар, а од управата за извршување санкции велат дека токму тоа е предизвик на кој ќе треба да се работи во наредниот период, заедно со Министерството за здравство.
„Недостига здравствен персонал, сега да не прејудицирам, најдени се решенија, и да не повторувам желба постои тоа да се реши и од моја страна и од министерот Таравари, формирани се работни групи со луѓе од управата за санкции, од министерството за здравство, од фондот за здравствено осигурување и ќе го решиме тој проблем„, рече Александар Пандов, директор на управата за извршување санкции .
Со промената на законот за управата на санкции во 2019-тата година медицинскиот персонал беше вработен во затворите, додека сега кадарот потребен за овие установи го определува Министерството за здравство и голем дел од затворениците здравствените услуги ги добиваат во најблиските здравствени домови./Алсат.мк
Михаило Донев