Завршен збор на обвинетиот Ристовски за 27 април

Обвинителството нема ниеден материјален или вербален доказ, дека обвинетите организатори на насилниот 27 – ми април го сториле делото – порача обвинетиот Спиро Ристовски. Според него, обвинението се темели само на исказот на Александр Василевски – Нинџа а на 27 – ми април немал телефонска комуникација ниту со Миле Јанакиески ниту со Никола Груевски, што се докажало преку проверката на неговиот телефон. Ристовски се повика и на сведочењето на премиерот Зоран Заев кој во судница рече дека обвинетите не се организатори на насилството, туку бегалецот Никола Груевски.
„Кога шефот на најголемата опозициона партија и главна жртва на немилите настани од 27 – ми април и сегашен премиер Зоран Заев со целосен пристап до сите безбедносни информации ќе сведочи дека ние не сме осмислувачи, мотиватори и организатори на настаните од 27 – ми април. Неспорно е дека докажавме дека јас не сум го сторил дејствието кое ми се става на товар“, рече Спиро Ристовски, обвинет.
Адвоктот на Ристовски на судиите им посочи дека Спиро е невин.
„Овие двајца обвинети, мислам на Спиро Ристевски и Миле Јанакиески имаат исти дејствија на извршување, па си поставувам прашање која е логиката двајцата организатори на протестите, главната алка во издавање насоки на пратениците да немаат комуникација на критичниот 27 – ми април. За каков план се работи? Дали може да постои план за вакво кривично дело без да има комуникација помеѓу обвинетите“, рече Гоце Ристевски, адвокат.
Обвинителството за организиран криминал во завршен збор посочи дека нема дилема дека обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се организатори на насилниот упад во Собранието.
Бојан Стојановски