Заврши доказната постапка за „Меѓународен сојуз“

Поранешниот премиер Зоран Заев нема да сведочи во случајот со наводните измами за проектите на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Кривичниот суд денеска на судењето за „Меѓународен сојуз“ ја затвори доказната постапка, а за наредното рочиште закажано за идниот петок обвинетите ќе треба да ја дадат својата одбрана. Ваквата процедура следеше откако судот побара, а одбраната не кажа кои докази од телефонот на Боки 13 ќе ги користи и кои сведоци ќе ги повика.
Според адвокатот Сашко Дукоски и покрај тоа што имаат податоци од вештачениот телефон на Боки 13, тие не можеле да погледнат одредени тип на комуникации.
„Заедно со тој екстерен хард диск којшто би требало да претпоставува некоја форензичка копија, е доставен само еден програм за отворање на таа форензичка копија. Значи, програмот Celebrity, а програмот AXION и XRY воопшто не се доставени. Е, сега јас јавно прашувам како ние тоа да го отвориме екстерниот диск за да може да го прочитаме содржината на ‘WhatsApp’ комуникацијата“, рече Дукоски.
Самиот Боки 13 побара во судот да биде донесен неговиот телефон и од него да се презентираат докази.
„Има основани сомненија дека од апликацијата ‘WhatsApp’ на телефонот се бришени комуникации за лични злоупотреби“, рече Бојан Јовановски – Боки 13.
На Боки 13 му се суди за измама и перење пари на бизнисмени за наводна изградба на старечки домови, на кои според обвинителството им се земени близу еден милион евра. Обвинета е и потпретседателката на Меѓународниот сојуз во тоа време Јасна Ерцеговиќ. За помагање им се суди на поранешната пратеничка од СДСМ Фросина Ременски, асистентката на Боки 13, како и на неговиот татко.
Игор Стефановски