
Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, денеска по четири и пол часа завршија преговорите меѓу руската и американската делегација за завршување на војната во Украина, јавуваат медиумите.
Преговорите беа завршени по работниот ручек, организиран по првиот дел од разговорите, кои се водат во една од палатите на кралското семејство во комплексот Албасатин.
Руската делегација ја сочинуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и директорот на рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев. Во американската делегација беа американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц и специјалниот пратеник на САД за Блискиот Исток, Стивен Виткоф.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Министерството ја гледа сериозната намера на Вашингтон сериозно да разговара за многу проблеми кои се акумулирани во билатералните односи, вклучително и ситуацијата во Украина. На средбата на двете делегации и претходеше средба на Лавров и Ушаков со Рубио.