Здравствениот дом во Тетово се правда за купеното „анти-ковид“ возило
Здравствениот дом во Тетово се правда за купеното „анти-ковид“ возило

Здравствениот дом во Тетово тврди дека возилото вредно 21 илјади евра е набавено законски и се употребува за патронажа и вакцинација во околните села. Прашањето дали е неопходно да се издвои оваа сума за едно возило се покрена по извештајот на Центарот за граѓански комуникации, во кој се наведува дека јавната набавка била спроведена со ознака „заштита од Ковид-19“ иако, како што велат, овој производ не може лесно да се доведе во корелација со корона кризата.
„Неколку години наназад во плановите за јавни набавки на Здравствениот дом е предвидувана набавка на возило кое ќе ги задоволи потребите на службите поготово во зимски услови. Во изминативе две години, три возила некои стари и повеќе од 25 години се надвор од функција, што претставува проблем во нормалното функционирање и извршување на обврските на институцијата која се грижи за приближно 200.000 здравствени осигуреници“, реагираа од Здравствен дом Тетово.
Сепак, лавина реакции предизвика фактот што Здравствениот дом за вакцинација низ тетовско, бара возило со кожен волан, шест вградени звучници и металик боја.
„Возилото кое е купено, било набавено за 1.090.000 денари без ДДВ и било најдобра понуда на пазарот во тоа време и претставува стандардно возило, со стандардна опрема за таа класа на возила“, додадо од Здравствен дом Тетово.
Претходно, од Министерството за здравство апелираа да реагираат и надлежните институции доколку се утврдат неправилности при набавката и потсетија дека менаџментот сноси професионална, кривична и морална одговорност. Од Антикорупциската комисија пак, истакнаа дека случајот со набавката на ваквото возило покажува до каде оди алчноста на луѓето и потребата да злоупотребат државни пари./Alsat.mk
Лука Андреев