ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Здруженија бараат да запре работата на извршителите

Пред повеќе од четири месеци граѓански здруженија поднесоа иницијатива до Министерството за правда, но до денес тие одговор немаат. Станува збор за граѓанските здруженија „Но Пасеран“ и „Стоп за извршители“ кои од ресорното министерство побараа во оваа енергетска криза да биде стопирана работата на извршителите. Активистите стравуваат дека претстои период во кој драстично ќе растат сметките за струја, добар дел од граѓаните веќе имаат проблем да ги платат, а таа состојба ќе ја користат извршителите. Граѓанските здруженија бараат и допрецизирање на постоечкиот закон за извршување.

„Му дадовме криминал во областа на извршителите. Господинот Тупанчевски требаше да ги разгледа и да свика нови работни средби за да преземеме конкретни мерки, меѓутоа господинот го нема, тотално игнорирање“, рече Марјан Ненов, Здружение „Но пасаран“.

„Се знае дека апсолутното застарување е 10 години. Но, во Македонија не е така. Поради префрлањето на предметите во 2011 година од државните кај приватните извршители се случи еден прекин во времето и сега имаме сметки кои се наплаќаат стари 25-30 години“,рече Ана Глигорова, здружение „Стоп за Извршители“.

Од Министерството за правда за Алсат велат дека за да се променат дел од законите кои ги бараат граѓанските здруженија потребно е време.

„Министерството за правда ги разгледа барањата на ‘Но пасеран’. Дел од нив не се во надлежност на министерството. Одредени законски измени кои ги бараат, а се во надлежност на министерството (измена на Закон за нотаријат и на Закон за судови), ќе се разгледаат“, наведуваат од Министерство за правда.

И додека активистите бараат извршувањето да се врати во судовите и извршителите да работат за плата, извршителите се жалат дека новите правила во нивната дејност, како намалувањето на тарифниците, доведува до ситуација работата повеќе да не им се исплатува.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button