Здруженија на наставници и родители ги повикуваат наставниците да се вакцинираат

Иако здравствените власти повикаа на масовна вакцинација на наставниците од почетокот на оваа недела, на терен нема никаква организација ниту од Министерството, ниту од раководствата на училиштата. Во најголемиот пункт за вакцинација во земјава медицинскиот персонал ни рече дека нема организирани групи наставници од основните и средните училишта. Според нив, секој доаѓа индивидуално според закажаното на „Мој термин“.
Од друга страна, родителите ги повикуваат наставниците да се вакцинираат за да не го загрозат почетокот на новата учебна година со физичко присуство.
Според Здружението на наставници Албанци, кај поголем дел од колективот има волја за вакцинирање, но има и такви кои тоа не го сакаат.
„Колегите и сите професори кои работат во образованието доброволно се вакцинираат за наставата да почне во септември и да немаат оправдување зошто не сме вакцинирани, па новата учебна година да не започне. Ние постојано баравме настава со физичко присуство. Да не бидеме ние пречка за воспитно-образовниот процес да не започне“, рече Самет Јахиу, Здружение на наставници Албанци.
Министерот Филипче повтори дека не можат никого да принудат да се вакцинира, но нагласи оти почетокот на новата учебна година со физичко присуство ќе зависи од епидемиолошката состојба во земјава до крајот на август.
Министерството за здравство нема евиденција колку наставници се вакцинирани досега и колку други изразиле подготвеност да се вакцинираат во текот на овие два месеци пред почетокот на новата учебна година. Од МОН нема ниту кампања за поттикнување на имунизацијата.
Аднан Ќаили