Зендели се сомнева дека намерата на Владата е да ја остави албанската опозиција без претставник во ДИК

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Државната изборна комисија не може да функционира без член, поточно без претставник на албанската опозиција во неа. Шефот на Владата од Брисел порача дека треба да се почитува она што е дефинирано со закон, во спротивно би се нарушил кредибилитетот на следните изборни процеси.
Но, албанската опозиција оценува дека Владата е лицемерна. Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, вели дека и покрај тоа што на собраниска комисија беа утвдени 5 кандидати, сепак ќе има опструкции. Тој се сомнева дека намерата на Владата е да ја остави албанската опозиција без претставник. За ова се алармирани дипломатските претставништва и меѓународните набљудувачи.
„Очекувам опструкциите да продолжат. Конечната цел на парламентарното мнозинство е албанската опозиција да не биде застапена во ДИК, што ја остава надвор од избирачките одбори, и од националните медиуми. Сметаат дека со елиминација ќе создадат свои услуги. Но нашата порака е јасна, не се откажуваме и ќе ги искористиме сите демократски и политички механизми“, рече Зендели.
Претседателката на Комисијата за прашања на избор и именувања во Собранието, Марија Георгиева денеска не беше достапна да каже дали извештајот од седницата го доставила до првиот човек на Собранието. Откако ќе се поднесе извештајот до претседателот на Собранието, тој во рок од три дена ја известува партијата која го предлага кандидатот да се определи за еден.. Движењето Беса се реши за Абдуш Демири. Доцнењето на изборот на член на ДИК дојде како резултат на различните толкувања на партиите кого му припаѓа испразнетото место во ДИК.
Според законот испразнетото место припаѓа на партијата која во моментот кога бил распишан конкурсот била или е во опозиција. И покрај политичките разлики и поларизацијата на партиите од различните блокови, до сега не се случило ДИК да работи со испразнето место. Првиот човек на Собранието Талат Џафери пред неколку дена изјави дека тоа не претставува проблем од правен аспект и дека ДИК може да функционира и да одлучува и без еден член.
Адриан Керими