Зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19, на починати и на оздравени

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 февруари, тестирани се вкупно 14.398 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,8 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.120 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 4,1 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години, од 50 до 59 години, од 40 до 49 години и од 20 до 29 години. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години и 10 до 19 години.
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.322 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе во споредба со минатата недела.