Зголемено присуство на мечки во Маврово и Ростуше

Општина Маврово и Ростуше бара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста што таа ја има по граѓаните.
Во писмениот допис до Владата, од Општината посочуваат дека мечките, кои според податоците на Националниот парк „Маврово“ се околу 160-180 на број на оваа територија, предизвикуваат големи материјални штети, особено на пчеларите, сточарите, земјоделците, како и на домовите на жителите на Општината за што, како што додаваат, е повеќепати пријавувано до надлежните.
Посочуваат оти зголеменото присуство на мечките е животозагрозувачко по граѓаните и бараат од Владата да предложи конкретни мерки и активности за решавање на настанатата ситуација.
„Општина Маврово и Ростуше ги презеде сите активности и мерки кои се во нејзина надлежност, со цел да ги заштити своите граѓани. Одржани се состаноци со месните заедници на сите населени места во Општина Маврово и Ростуше, полициските одделенија во Ростуше и Маврово, граничните полициски станици во Жировница и Стрезимир, ЈУНП ‘Маврово’, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство водостопанство и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од Општината.