ЕКОНОМИЈА

Зголемување на платата во администрацијата за 10.000 денари, но не за сите

Иако се бараат исти услови за да се вработат и да вршат иста работа, во предложениот Закон за административни службеници е предвидена повисока плата од 10 илјади денари за административните службеници во министерствата и секретаријатите за разлика од вработените во другите јавни институции. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бара од Владата и Министерството за информатичко општество и администрација да го повлечат членот, кој според нив е дискриминаторски и може да донесе последици.

„Од тука разликата во плата е 200 поени или 16.000 денари бруто, односно 10.000 денари нето. Проблемот на разграничување на овие две групи вработени во министерствата и секретаријатите од другите е тоа што, државните службеници се вработени и работат врз основа на исти професионални квалификации“, вели Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според Камбери, овие одредби се спротивни на Уставот и на Меѓународниот договор за човекови права. Доколку бидат изгласани, ќе предизвикаат дополнителни проблеми.

„Овие одредби доколку се изгласаат може да направат проблеми при работата во институциите, поточно во администрацијата која зема помала плата. Овие проблеми може да се поврзат со намалување на мотивацијата за работа, намалување на ефикасноста на институциите, додека долгорочно постои ризик од воспоставување на структурна дискриминација во сите институции“, додава Камбери.
Предложениот закон предвидува зголемување на платите само за околу 5.000 административни службеници. Според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, неправедно е некои вработени да се фаворизираат, а други да се потценуваат.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button