МАКЕДОНИЈА

„Жедни преку вода“, општина Боговиње барала водовод за наводнување, наместо за пиење!


Во вторник на Шар Планина, комисија составена од експерти ќе изврши увид на теренот каде жителите на селото Синичани започнаа со изградба на систем за водоснабдување. Сепак, комисијата доаѓа од институција која не е надлежна за вода за пиење, туку за вода за наводнување и во овој случај и инспекцијата ќе се врши за оваа намена и покрај тоа што жителите на Синичани протестираа затоа што немаат вода за пиење. На 11 август, општина Боговиње, по упатство од Владата, доставила барање до АД Водостопанство кое раководи со водата за наводнување, од каде бара оваа институција да им помогне да се инсталираат цевки и да се реши проблемот со снабдувањето со вода за пиење и наводнување за жителите на с. Синичани. Сепак, директорот на Водостопанство, Илми Селами, вели дека првото барање од општина Боговиње поднесено на 11 август било надвор од надлежноста на оваа институција. Имено, тој појаснува дека АД Водостопанство се занимава со друго и оти ова барање било надвор од нивните надлежности. Додека траеле овие објаснувања меѓу институциите, првиот рок односно 20 август, кога требаше да продолжат работите за изградба на водоводниот систем, беше пробиен.

„Проблемот не беше во тоа што немаше одговор на прашањето поднесено од градоначалникот, туку барањата што доаѓаа од општина Боговиње беа нејасни. Нејасното беше дека ние како акционерско друштво Водостопанство се вклучуваме во изградба на систем за водоснабдување. Наша надлежност е да се бавиме со системите за наводнување.“

Вакво објаснување било испратено и до општина Боговиње. Од таму пак, поднеле друго барање, на 21 август, но во него го отстраниле делот што се однесува на водата за пиење и доставиле само барање за вода за наводнување.

„Поаѓајќи од тоа да покажеме добра волја за решавање на реалниот проблем на жителите, реков дека ќе излезат ангажирани експерти за да ги видат параметрите за евентуална изградба на систем за наводнување и тие ќе излезат во вторник, но се надевам дека нивното излегување нема да биде злоупотребено за понатамошно политизирање.“

Без оваа комисија да излезе на терен и без да се комплетира техничката документација која потоа треба да биде доставена до Владата за да започне со подготовката на проект за изградба на водоводен систем, градежните работи не можат да продолжат. Од Владата за Алсат велат дека ја чекаат документацијата.

Влада

„Откако ќе се подготви техничката документација, општина Боговиње ќе добие дозвола за изградба на систем за водоснабдување. Во исто време, врз основа и во консултација со Владата, општината е упатена да достави барање до АД Водостопанство за снабдување со вода за површината во Синичани за потребите на наводнување на растенијата.“

Вториот рок е 20 септември, кога законски треба да биде готов проектот за изградба на систем кој ќе ги снабдува со вода за пиење жителите од с. Синичани.

Evi Shkopi

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button