Жешка реторика помеѓу Лавров и Карпентер

Прашањето за постоењето на ОБСЕ го донесе во Скопје шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, но тој реши да го премести фокусот и оваа тема да ја стави на страна. Наспроти тоа, одржа едноиполчасовна прес-конференција која ја посвети на оправдување на воената агресија во Украина, која тој не пропушти да ја нарече „специјална воена операција“ за победа над нацистичкиот режим во Киев, поддржан од Вашингтон и Брисел. Сепак, изрази жалење што неговите аргументи вчера не ги слушаа државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и други високи функционери од Западот. Ваквиот потег не го остави спокоен и ја вжешти реториката, нарекувајќи ги неговите колеги „кукавици“. Не изостана одговор од американска страна.
„Јас бев присутен на утринското официјално отворање на собирот на ОБСЕ. А немаше лица од Украина и Балтичките државни, ниту пак беа Блинкен и Камерон, ниту Борел. Зошто го направија тоа? Веројатно сакаа да ја нагласат нивната намера за изолација на Русија, но мислам дека едноставно постапија кукавички. Тие се едноставно кукавици кои направија обид да ме изолираат. Се исплашија од искрен разговор поткрепен со факти“, рече Лавров.
„Видете, никој не сака да седи на маса со министерот за надворешни работи Лавров и да ги слуша неговите лаги и дезинформации и пропаганда. Тоа што не се седеше на таа маса е акт кој всушност има многу смисла ако не сте некој кој посакува мазохизам“, рече Мајкл Карпентер – амбасадор на ОБСЕ во САД.
Лавров на секое новинарско прашање кое не беше во линија со рускиот наратив едноставно одговараше дека е нарачано од западните шефови. Тој не ги штедеше критиките, па дури и го обвини Западот за континуирана дестабилизација на Балканот. Сепак, прашан за постоењето на ОБСЕ, не одговори конкретно дали Москва цели кон уништување на оваа организација.
„Не постои шанса за спас на ОБСЕ и нема причини да се слави 30 годишнината на ОБСЕ затоа што организацијата е деградирана на сите полиња, а говорите на западните министри на Самитот во Скопје се доказ дека тие не ја научиле лекцијата. ОБСЕ е пред колапс“, оцени Лавров.
„Русија воопшто не се чувствува комфорно со нејзината позиција во ОБСЕ. Таа е дипломатски изолирана и постојат одредени обраќања на Лавров, кој вели дека западните земји доминираат со наративот во рамките на ОБСЕ. Секако, причината зошто тој наратив е доминантен е зашто сите земји од организацијата се згрозени од воената агресија. Тоа е реалноста и фунционирањето на ОБСЕ е наша победа“, рече Карпентер.
Присуството на Лавров во Скопје овие два дена беше проследено со низа контроверзи, но тој рече дека Македонците биле добри домаќини. Македонија останува да е на листата на непријателски земји на Русија, а Лавров појасни дека станувало збор за Владата, но не и за народот. Инаку, иако Москва претходно соопшти дека голем број министри се пријавиле за билатерална средба со Лавров во Скопје, на веб-страницата на руското МНР се објавени само три – со шефовите на дипломатии на Унгарија, Ерменија и Казахстан.
Лука Андреев