
Жестока расправија во албанскиот Парламент денеска поради изјавата на премиерот Еди Рама за Косово. Мнозинството одлучи на 12 октомври Собранието да донесе резолуција за осуда на нападот на 24 септември во Бањска, Звечан, но опозициските пратеници побараа тоа да се случи веднаш. Тие ја фокусираа дебатата кон изјавата на Рама дека „северот е ничија земја“. Пратеникот на Демократската партија, Сали Бериша, изјавите на Рама ги нарече антиалбански.
„Не постои поанти-албанска и поодвратна изјава од оваа. Зошто го положи животот Африм Буњаку? Каде беше убиен тој? Убиен е на северот на Косово за таму да владее редот, законот. Што можеш да речеш за овој „министер за криминал“ кој даде таква изјава која е во потполна хармонија со својот патрон Александар Вучиќ, а сега сака да го прикрие ова со срамна резолуција“, рече Бериша.
„Вчерашната изјава дека северот на Косово е ничија земја е скандалозна. Северниот дел на Косово е територија на Косово за која загинаа 1.500 деца. Мораме да го осудиме нападот на Србите за анектирање на Косово“, рече Рамадан Ликај, пратеник на Демократската партија.
Но, според министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, весникот „Фајненшл тајмс“ ја корегирал изјавата на Рама и затоа, како што рече, не треба еден лапсус на весник да стане предмет на ваква дебата.
„Дури и да имаме политички поделби и разлики, денес мора да ја покажеме другата страна на медалот, мораме да покажеме дека колку и да се менуваме, колку и да имаме несогласувања и разлики на релација власт-опозиција, ние стануваме едно и сите сме заедно кога станува збор за нашиот национален интерес. Косово е главен приоритет на сите Албанци и на сите политички партии“, рече Нико Пелеши, министер за одбрана на Албанија.
Во интервју за британскиот „Фајненшал тајмс“ по тензиите на северот, Рама рече дека Косово е жариште. „Косово е жешка точка. Со текот на годините тоа стана ничија земја каде сите видови криминал се комбинираат со растечкиот национализам. Границата меѓу криминалот и политиката е намалена“, нагласи Рама.
Но, за оваа изјава подоцна реагираше новинарот на „Фајненшл тајмс“, кој рече дека изјавата на премиерот Еди Рама е погрешно разбрана, бидејќи тој алудирал на проблемите на северот на Косово, а не за целата земја.
Семра Мусаи