Жители од селата на Шар Планина протестираат против хидроцентралите

Жителите на шарпланинските села протестираат против хидроцентралите од луѓе за кои велат дека се блиски до власта. Мештаните се жалат дека освен оштетувањата на патот, уништени се и нивните приватни имоти до кои пристапот е речиси невозможен.
„Инвестиравме во нашите имоти, отворивме пат од три километри со сопствен придонес за да одиме кај нивите што ги засадивме. Потрошив 20.000 евра за да го направам тоа како што треба, а сега не можам ни да ја искосам тревата. Нашите имоти се уништени за кратко, не само моите, туку на цело село, дури видовте и дека има пукнатини на ѕидовите во селото од оваа хидроцентрала.“
„Се соочуваме со многу проблеми, ја уништија природата, го уништија патот, го уништија патот што господин Ќаниу го отвори за нивите, целата држава е уништена и никој ништо не нè прашува. Ние не сме против овие сопственици, туку не сакаме да му штетат на целото наше село.“
„Приватниот имот е целосно уништен. Најлошото е што некој му овозможил на господинот сите ниви што ги имаме овде некој да му ги пренел на сопственикот на хидроцентралата. Не знам, но дали полицијата, судот, обвинителството знаат како е можно да се узурпира нечија земја без потпис“, велат жителите.
Реагираше и директорот на Националниот парк Шар Планина, Ибрахим Дехари. Тој бара од надлежните министерства и од Владата да го почитуваат Законот за национални паркови и да ги забранат хидроцентралите.
„Во заштитените подрачја на националните паркови хидроцентралите се забранета категорија, а тоа е и според меѓународната конвенција. Затоа од ова прекрасно природно место, но скршено од човечки фактор и со овој гроб зад нас од челик, апелирам до министерствата и до Владата да дојдат на помош и да ги откажат овие концесионери кои имаат одредена дозвола, но за кои е поминат рокот, за ова место да се врати во состојбата во која беше“, рече Дехари.
Инаку и покрај тоа што се сè уште не се стопирани работите на хидроцентралите на Шара, според информации на Алсат, ним дури им се продолжени и концесиите за работа. Оние пак, кои ги уништиле патиштата или земјиштето на жителите никогаш не ги вратија во претходната состојба.
Башким Сулејмани