Жителите на с. Турчан сè уште не добиле обештетување за поплавите

Иако поминаа околу четири месеци од последните поплави во селото Турчан кај Гостивар кои оштетија многу куќи и дуќани, ниту општината, ниту Владата не им ги надоместија штетите. Жителите се жалат дека морале сами да си ги платат поправките. Меѓу куќите кои најмногу настрадаа беше онаа на семејството Демири, а настрадаа и стопански објекти.
„Ништо не ни беше платено, ниту пак дојдоа да нè прашаат. Беа три пати и ништо повеќе. Имавме многу штети. Целиот кат на куќата, автомобилот, подрумот беше целосно оштетен. Водата нè однесе мене и синот, ѕидот падна, имавме многу штета и никој не дојде“, вели Хајрие Демири, жител.
„Не, до сега поправавме со наши пари, немаме компензација ниту од општината, ниту од државата. Имавме многу штета, но поправавме со нашиот буџет за да продолжиме да работиме, а сега очекуваме надомест“, додава Шќипе Фејзи, сопственичка на фирма.
И покрај тоа што не ги обештетија жителите на селото Турчан, општината сè уште не започна ниту со чистење на коритото на малата река заради која се поплавува целото село. Дури ни малите мостови поставени илегално не почнаа да се отстрануваат, а тие го блокираат протокот на вода што излегува на улиците и завршува во куќите на жителите.
Општина Гостивар вети дека отштета ќе почна да плаќа од следната недела со по 30.000 денари. Велат дека Владата одбила да помогне.
„Ќе инсистираме преостанатиот дел да биде покриен од Владата, но не гарантираме дека тоа ќе се случи, па ќе мора да ја разгледаме следната можност што ни преостанува за да ги надоместиме. Исто така, имаме план за чистење за да не се повторат поплавите“, рече Валбон Лимани, Општина Гостивар.
Жителите бараат општината итно да почне со чистење на коритото на реката и потокот што минува низ селото, особено поради наближувањето на есента.
Башким Сулејмани