Жителите на тетовско Седларце повторно протестираа против патарината

Нереагирањето на институциите за барањата на жителите на селото Седларце ги натера повторно да излезат на автопатот, на патарината во Тетово кон Гостивар. Тие инсистираат да се укине плаќањето за жителите на Седларце затоа што велат дека е многу блиску за да плаќаат 30 денари.
Жителите најавуваат дека ако не се исполни нивното барање, ќе го блокираат автопатот со земјоделска механизација.
„Ќе преземеме уште построги мерки, ќе го блокираме патот, но не како сега на културен начин, туку ќе ги земеме тракторите, комбајните и ќе го блокираме патот. Ова е неправда која се прави врз нашите селани. За 3 и пол километри плаќаме. Револтирани сме од неправдата што постојано ни се прави.“
„Да платиме онолку колку што го користиме автопатот или да се поправи постоечкиот алтернативен пат. Тоа е едноставна математика, до Гостивар има 20 километри, се плаќаат 30 денари, за 3,5 километри треба да платиме околу шест или седум денари“, реагираат жителите.
Жителите на Седларце веќе подолго време протестираат и бараат решение.
Башким Сулејмани