Зибери: Замрзнувањето на балансерот, на штета на немнозинските заедници
Зибери: Замрзнувањето на балансерот, на штета на немнозинските заедници

Народниот правобранител изразува загриженост во врска со одлуката на Уставниот суд за замрзнување на балансерот. Тој вели дека евентуалното елиминирање на балансерот, без да се воведе друг инструмент, би ја уназадило државата, и би наштетило на немнозинските заедници. Зибери оценува дека би било добро да постоела политичка волја и да се реализираат најавите да се регулира со закон прашањето за правична и соодветна застапеност.
„Пред овој инструмент, Албанците во целата јавна администрација беа застапени со 6 отсто, во моментот кога се преземаат овие активности, за евентуална елиминација на овој инструмент, Албанците се застапени со 22,4 отсто. Што значи елиминација на овој инструмент, без друг инструмент кој можеби е уште посоодветен, би било уназадување”, рече Насер Зибери – Народен правобранител.
– Како гледате на најавите дека тоа прашањето ќе се регулира со закон?
„Во ред е, доколку се има политичка волја и придонесува за продолжување на овој тренд на постигнување хармонична застапеност, во согласност со етничката структура на населението во државата„, рече Насер Зибери – Народен правобранител.
Народниот правобранител вели дека покрај правичната и соодветна застапеност, уште еден главен столб на кој се гради Охридскиот договор е и јазикот. Тој го опишува како најчувствително прашање во државата и вели дека секоја тенденција за поткопување на законот за употреба на јазиците може да предизвика непоправлива штета.
„Јазичното прашање е најчувствителното прашање што би можело да постои во Северна Македонија и секоја тенденција за поткопување на законот за употреба на јазиците е штетна, бидејќи длабоко сум убеден дека каква било одлука би ги прекршила овие принципи. Уставниот суд ќе нанесе непоправлива штета и не сум оптимист дека таа штета може да се санира со идна интервенција„, додаде тој.
Зибери оценува дека Уставниот суд мора да биде многу внимателен и да се прилагоди на реалноста во државата во која работи./Алсат.мк
Ајнур Бафќари