Зијадин Села со поддршка за францускиот предлог

За Алијанса за Албанците, францускиот предлог е прифатлив. Претседателот на партијата, Зијадин Села, по средбата со премиерот Ковачевски, порача предлогот добро да се толкува и да не биде предмет на манипулации. Според Села, политичките чинители во земјава, при носењето на одлуката, треба да се водат од пристапот „дали предлогот нè води кон Унијата или не“.
„Зачленувањето на Северна Македонија во Европската унија има и геополитичко значење и како такво мислам дека политичарите треба помалку да размислуваат за добивање политички поени, а повеќе да размислуваат за регионот да биде постабилен и немаме двоумење – ние би прифатиле ваков предлог како политичка партија, тоа е став на Алијанса за Албанците“, рече Села.
„Премиерот Ковачевски на лидерот на Алијанса за Албанците му порача дека неопходно е државничко однесување и вистинска одлука за мир, стабилност во државата и просперитет на сите народи кои живеат во Северна Македонија. Премиерот Ковачевски истакна дека овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните преговори“, наведоа од Владата.
Зијадин Села му даде поддршка на Ковачевски за прифаќање на францускиот предлог, но воедно додаде дека при процесот на уставни измени за внес на Бугарите, тој ќе инсистира и на измена во дефиницијата што фактички го опишува албанскиот јазик. Според Села, тоа е прашање на достоинство.
„Дефиницијата за албанскиот јазик е куп зборови, а само зборот „албански“ не постои. Дефиницијата „јазикот кој го зборуваат над 20% од граѓаните и кој е различен од македонскиот“, мислам дека за Албанците е омаловажувачка и не треба да стои таква дефиниција, па се надевам ќе надвладее разумот“, додава Села.
Претседателот на Алијанса за Албанците апелира и ДУИ да даде поддршка за промена на ваквата дефиниција за албанскиот јазик во Уставот.
Лука Андреев