Зимата ни е пред врата, а Владата нема никаков план за енергетската криза

Политичките случувања во земјава ги засенија реалните проблеми на компаниите поради енергетската криза. Зимата ни е пред врата, а Владата нема никаков план како да се справи енергетската криза, велат од Стопанската комора. Стопанството е запоставено, затоа е потребна итна средба со владините претставници на која ќе се најде решение за високите сметки на струја за компаниите, но и план како земјава да обезбеди доволно количество на струја во зимските денови, велат од комората.
„Нашиот впечаток е дека Владата нема конципирана политика спрема ова прашање, дека доцни поради политичките случувања коишто се некако приоритетни како многу пати досега во ова време. Ако во ваква состојба ние бараме решение и за парното греење и за помош на компаниите, за зголемување на производството, тој товар ЕСМ не може да го издржи…“, рече Бранко Азески- Претседател на Стопанската комора.
Стопанството бара термоелектраната Неготино да продолжи со работа, да се одложат ремонтите во РЕК, да се направат напори сите фотоволтачни централи да се стават во функција, исто како и другите алтернативни извори на енергија. Бизнисот ѝ порача и на Народната банка да внимава на финансиската состојба на компаниите, а не само да се грижи за стабилноста на курсот на денарот со зголемување на каматната стапка.
Андреа Чобанова