Зоран Попов доби одобрение од комисијата за надворешна политика за амбасадор во САД

Четворица од петте предложени амбасадори кои требаше да заминат во дипломатските претставништва, повторно заглавија во лавиринтите на Собранието, без да имаат можност да ги изнесат своите тези. На 23-та седница на собраниската Комисија за надворешни работи овој филтер го помина само Зоран Попов, кој е именуван за амбасадор во САД. Попов претходно беше државен секретар во МНР.
Амбасадорското место во САД беше празно повеќе од 4 години. Последен амбасадор таму беше Васко Наумовски, до 2018 година.
Зад затворени врати, поради чувствителноста на информациите, Попов ги изнесе тезите за дипломатската мисија во САД. На неговиот говор можеа да присуствуваат само пратеници кои поседуваа безбедносни сертификати.
Веднаш по затворениот дел, поради пленарна седница, работата на оваа комисија беше прекината и истата треба дополнително да биде закажана.
Пред членовите на комисијата, своите тези за дипломатските активности ќе треба да ги изнесат Агрон Буџаку кој е номиниран за Канада, Дритон Кучи за Норвешка, Методија Балевски за Белгија и Евгенија Илиева за Словенија.
Од МНР соопштуваат дека одобренија добиле уште тројца амбасадори и продолжуваат подготовките за нивно преземање на функцијата. Станува збор за Виктор Димовски предложен за амбасадор во Франција, Агнеса Руси во Бугарија и Јован Манасиевски во Турција.
Ајнур Бафќари