Зошто Апелција го смени ставот за гаранцијата на Мијалков

Сашо Мијалков викендов ќе го помине во Шутка. Во Апелациониот суд и денеска не е стигната жалбата на неговите адвокати кои бараат да излезе на слобода. Скопска апелација сепак од понеделник би требало да одлучи дали Мијалков ќе остане во притвор или ќе биде на слобода за предметот „Плацеви на Водно“, откако пред два дена Апелација му го укина притворот за случајот „Трезор“.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, реагира – зошто нема образложение под кои причини Мијалков беше пуштен на слобода со гаранција од 11 милиони евра, иако претходно кога со 200.000 евра помалку гарантираше дека нема да избега, беше игнориран.
„Аргументи ние овдека не видовме. Ние овдека само видовме одредени искажувања од сите, да кажам релевантни фактори, и секој си толкува така како што него му одговора. За да народот знае, па и експертската јавност, сите, за да знаат, што стои зад сето ова, заради тоа што веројатно има некоја позадина, ваквите искажувања. Треба сè да се изанализира длабински како што реков“, рече Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во ЕСЧП.
Според судијката Цаца Николовска, не е јасно на кого Судскиот совет ја испраќа пораката за независноста на судиите дали на Апелациониот, Основниот кривичен суд, или пак можеби Судскиот совет сакаше да му испрати порака на мининстерот за правда, Бојан Маричиќ кој јавно ги објави имињата на судиите кои му го укинаа притворот на Мијалков.
„Во секој случај е потребно да се имаат во предвид аргументите и на одлуката и на Апелациониот и на одлуката на Основниот, зашто станува збор за друг предмет и во крајна линија и одлуката, односно и искажувањето на министерот по однос на одлуката на Апелациониот суд, заради тоа што сите овие работи укажуваат на нешто коешто секој си го коментира од свој аспект“, додава Николовска.
Вчера Судскиот совет ги одбрани апелационите судии кои пред два дена го ослободија Мијалков од притвор во случајот „Трезор“, по што министерот Маричиќ јавно бараше одговорност во случај Мијалков да избега. Обвинителството возврати со ново барање за притвор во друг случај, „Плацови на Водно“ кое го одобри Кривичниот суд.
Игор Стефановски