
Советот на самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита најави протест пред Министерството за здравство во четврток, поради, како што информираа, сѐ уште непотпишаниот анекс на Колективниот договор за корекција на коефициентите на вработените.
Како што соопштија на денешната прес-конференција во Сојузот на синдикатите на Македонија, во анексот се бара корекција на коефициентите на вработените во здравството со различни износи, што, според Советот, би значело одредено позитивно придвижување.
– До овој момент, и покрај нашите отстапки и со тие одредени пониски износи на бруто корекција на коефициентите, кои во овој момент се пониски од она што би значело бруто корекција на минималната плата од 3.317 денари, сѐ уште го немаме ниту потпишано анексот на Колективниот договор, ниту пак имаме одредено сознание кога тоа ќе се случи, изјави претседателот Љубиша Каранфиловски.