ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Членството во НАТО ги зголеми странските инвестиции

Македонија одбележува три години од членството во НАТО. Премиерот Димитар Ковачевски на појадок со дипломатскиот кор истакна дека „чувството да не се биде осамен е незаменливо“. Според него, сега Алијансата треба засилено да работи на новите предизвици како што се хибридните закани, но потсети и кои се досегашните придобивки од интеграцијата. Тој додаде дека членството во одбранбениот сојуз дава сигурност на инвеститорите.

„Значајно е да се истакне фактот дека странските директни инвестиции минатата година, во услови на криза, достигнаа 753 милиони евра, историски највисоко ниво во земјата. Тоа е двојно во споредба со 2016 година“, рече Ковачевски.

Во исчекување на осмата одлука за воена помош за Украина, претставниците на власта повторија дека Македонија ќе остане да биде на вистинската страна на историјата и ќе продолжи да донира, не затоа што сака војната да продолжи, туку за Украина да го одбрани својот територијален суверенитет.

„Ние сме горди, што неформално сме четвртата земја која по глава на жител обезбедува воена помош за Украина. Ова е значаен доказ дека стоиме рамо до рамо со украинскиот народ“, рече Османи.

„Седумте одлуки на Владата на Република Северна Македонија за обезбедување воена помош за Украина се од витално значење на бојното поле за украинските одбранбени сили, кои по цена на своите животи ги бранат и Украина и демократските вредности“, рече Лариса Дир – амбасадорка на Украина.

Зачленувањето во НАТО се одбележа и со воени почести во касарната „Илинден“, од каде министерката за одбрана Славјанка Петровска кажа дека наредната година ќе го исполниме еден од главните критериуми за членките во Алијансата, со тоа што 2% од државниот буџет ќе бидат наменети за одбраната и модернизација на Армијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button