ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Собранието и Министерството за финансии молчат за Законот за игри на среќа

Молк од Собранието и Министерството за финансии по вчерашната изјава на претседателот на државата Стево Пендаровски дека е потребен нов предлог-закон за игри на среќа. Шефот на државата побара да не се брза со носење на актуелните предлог-измени, а денеска надлежните власти останаа „неми“ на прашањата на Алсат. Предлагачот на измените, Министерството за финансии не одговори на прашањата кои се под нивна надлежност. Засега не се знае дали предложените законски измени ќе ги повлечат од собраниска процедура, како што побара Пендаровски.

Advertisements

Пред точно еден месец измените на Законот за игри на среќа беа доставени до законодавниот дом, но наместо дебатата да се одвива каде што ѝ е местото, односно во Комисијата за финансирање и буџет, властите одлучија овие измени да се одвиваат со побрза динамика и измените ги пратија во Комисијата за европски прашања и измените да бидат со европско знаменце.

Од Собранието ни соопштија дека засега нема никакви најави дека предложените измени ќе бидат повлечени, ниту пак спротивното, кога би се нашле на дневен ред пред пратениците.

„Надлежен за ова прашање е Арбер Адеми. Тој е претседател на Комисијата за европски прашања. Тој треба да свика комисија на која би биле ставени измените. Но, тој во моментов е на службено патување“, наведуваат од Собранието.

Ниту Арбер Адеми не одговори на нашите телефонски повици и СМС пораки. Инаку, вчера на средбата помеѓу Пендаровски и неговиот австриски колега Ван дер Белен беше порачано да не се злоупотребува користењето на европското знаменце при носење на вакви чувствителни закони. Потребно, според австрискиот претседател е Собранието на Македонија да го најде вистинскиот пат. Гостинот нагласи дека решението треба да биде според европските стандарди и оти знаменцето на ЕУ не треба да се користи за овој закон. Пендаровски пак, предложи да се организираат јавни дебати на оваа тема за да се дојде до решение прифатливо за сите засегнати страни.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button