Кои се причините за застарување на делото на Мијалков

Поради отсуство на дел од обвинетите, Апелација вчера ја одложи седницата за делото покренато од СЈО – „Титаник 2“, па практично поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков нема да биде осуден за учество во изборни нерегуларности, бидејќи делото застарува. Според адвокатот Јанаки Митровски одложувањето на вчерашната седница е основано, но симптоматичен е досегашниот тек на делото.
„Не е проблем тоа што е одложена седницата, бидејќи има дел од обвинети што се неуредно поканети и тогаш мора да се одложи, но за конкретниот предмет сигурно многу добро знаете каде е грешката – протокот на многу многу долго време од претходната одржана јавна седница до пресуда и тука веќе беше јасно дека предметот, барем ние што работиме, знаеме дека нема теоретска шанса да дојде до правосилна завршница“, рече Јанаки Митровски – адвокат.
Адвокатот Митровски, говорејќи за текот на предметите на СЈО низ судските лавиринти кажа дека за овие случаи е интересно што речиси стопроцентно се усвојуваат жалбите на одбраната, што инаку е поретка практика. Тој додаде дека во овие случаи често се усвојуваат жалбите на одбраната, а за најавата на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев за интензивирање на рочиштата на предметите на СЈО, со цел да не застарат, Митровски вели:
„Останува да видиме, да не прејудицираме, меѓутоа тоа ќе не доведе до прашањето зошто до сега не се интензивирале и зошто мора да има притисок од јавноста за да се интензивираат. Инаку, еден судија, којшто сега е поранешен и веќе разрешен ги закажуваше на три до четири месеци рочиштата и тоа доволно говори“, додава Митровски.
Инаку, на Мијалков му беше изречена тригодишна затворска казна за „Титаник 2“, која не дочека да биде потврдена од Апелација. Министерот за правда, Кренар Лога кажа дека му е жал за застарувањето, но и дека испратил дописи до Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Јавното обвинителство во кои предупредил и побарал поефикасно и невремено преземање мерки со цел спречување вакви и слични ситуации на застарување судски предмети преку одложувања на судските процеси.
Лука Андреев