ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Албанската опозиција јасна – нема Бугари во Уставот ако не се реши „20%“

Албанската опозиција јасна - нема Бугари во Уставот ако не се реши „20%“

Албанската опозиција нема да биде дел од процесот на уставни измени, ако дел од процесот не стане и бришењето на терминот 20 отсто во Уставот кој се однесува на албанскиот јазик. Пратеникот од Движењето БЕСА, Фадил Зендели вели дека изјавите на лидерите на ДУИ и Алијанса дека фокусот сега не треба да се става на ова прашање, се бесмислени. Тој вели дека уставни измени многу ретко се случуваат и затоа сега е време ова прашање да се реши.

Advertisements

„Не можам да ги разберам изјавите на претседателот на ДУИ и други функционери на Алијанса… Министерот за правда, формира работна група и вели дека прашањето за 20% ќе биде дел од дебатата во оваа работна група, но на крајот заклучоците на работната група што одат во Владата не го вклучуваат и прашањето на 20%. Ова значи дека станува збор за злоупотреба на оваа тема од страна на високи функционери од двете албански партии кои се на власт, но во суштина тоа завршува со тендери, со блиски интереси на функционерите и нивните групи на интереси“, изјави Фадил Зендели, Движење БЕСА.

Од Алтернатива велат дека не гледаат причина некаква геополитичка цел да биде поважна од интересот на граѓаните на земјата и албанскиот јазик да продолжи да се нарекува со навредливиот термин „20%“.

„На оние на кои им пречи борбата против корупцијата и името на албанскиот јазик изгледа се плашат од своето минато и не им остава впечаток тоа што нашиот јазичен и национален идентитет треба да биде понижен. Ако оваа влада не е подготвена за овие барања, тоа е многу лоша вест за неа“, велат од Алтернатива.

Но, министерот за правда, Кренар Лога, вели дека нема да се откаже од бришењето на 20%, но прво требало да има консензус помеѓу македонските партии за вклучување на Бугарите во Уставот.
„Албанците не можат да се откажат од барањата формулацијата 20% да се промени и да стане албански јазик. Сега, она што го кажавме, приоритет останува преамбулата за која очекуваме консензус. Во првиот момент кога ќе се постигне овој консензус со македонските политички партии, веднаш ќе побараме со овие уставни измени, а можеби и пред овие уставни измени, да се постигне и тоа“, рече Кренар Лога, министер за правда.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред неколку дена рече дека терминот „20%“ не ја загрозува суштината на Охридскиот договор.

„20% не ја загрозува суштината на Охридскиот договор. Дали е 20% или е албански јазик, суштината не се менува. Така што ние сме посветени на уставни измени и сите напори одат во насока тие да се случат“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Бришењето од Уставот на терминот 20% за албанскиот јазик е изборно ветување на албанските партии скоро две децении. Но, процесот беше запоставен и при уставните измени во 2017 година, кога по договорот со Грција, земјава го смени името во Северна Македонија.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button