ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта спрема свилен гајтан за Судскиот совет

Власта спрема свилен гајтан за Судскиот совет

По постојаните скандали на Судскиот совет и одбивањето да поднесе колективна оставка и покрај меѓународните критики и локалното мислење, министерот за правда Кренар Лога ја разгледува законската можност да го распушти ова најважно судско тело во државата. Сепак, нема да преземе ништо без да се консултира со сите политички партии од власта и опозицијата.

Advertisements

„Тоа што се случува во Судскиот совет нè загрижува сите, го осудувам и очекувам да се вратиме во нормала, не само во таа институција, туку и во другите. Разговарам со политичките партии и со Владата за да се најде решение. Едно од можните решенија е со законски одредби да се овозможи суспензија на мандатот на целиот актуелен состав на Судскиот совет“, изјави Кренар Лога, министер за правда.
Овластувањата и моќта на ова тело кое се соочува со многу критики се речиси неограничени, па затоа преку законски измени се настојува да му се стави крај на тоа и членовите на институцијата повеќе да не бидат недопирливи.

Но, слично како и барањата на невладините организации за колективна оставка, се чини дека на Судскиот совет не му пречи ниту сериозната најава на министерот Лога.

„Судскиот совет нема да ги коментира изјавите на министерот за правда, Кренар Лога. Право и надлежност на министерот е да предлага законски измени“, велат од Судски совет.

Иако кризата во оваа институција започна со незаконското разрешување на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева, Судскиот совет одбива да му го предаде записникот од критичната седница на Лога, иако и тој е член на Советот, но без право на глас.

Покрај многу ниската доверба на граѓаните во оваа институција, извештајот на ОБСЕ во судската власт покажа дека всушност ниту судиите не веруваат дека ова тело работи во вистинска насока. 73 отсто од нив се изјаснија дека Судскиот совет не ја штити нивната независност.

До сега оставки од Советот си поднесоа судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска Стефкова. АЛСАТ дознава дека во наредните денови се очекуваат и нови оставки.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button