Гутиерез: Мрачни денови на државна цензура во Косово

Одлуката на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија да се одбие жалбата на Клан Косово за суспензија на лиценцата, предизвика бројни реакции кај меѓународните претставници. Тие изразуваат загриженост за слободата на медиумите во Косово. Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, одлуката ја нарече „црн ден на државна цензура“.
„Мрачни денови на државната цензура се над Косово. Владата конечно успеа да го затвори Клан косово. Владата на Албин Курти ја втурнува земјата во поконзервативен нелиберализам, со најголем презир кон вредностите на ЕУ“, рече Гутиерез.
Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите предупредува дека плурализмот и слободата на медиумите се сериозно загрозени.
„Ова е без преседан во новата историја на Косово и сериозно го загрозува плурализмот, слободата на медиумите и испраќа јасна порака до другите медиуми. Го повикуваме Клан Косово да се бори против одлуката пред националните судови“, наведуваат од Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите.
Ситуацијата создадена околу лиценцата на Клан Косова за германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, е исклучително загрижувачка, бидејќи според него затворањето на една од најголемите телевизии во Косово би било сериозен удар за слободните медиуми во земјата.
„Затворањето на еден од најголемите косовски медиуми ќе биде тежок удар врз слободата на медиумите“, вели Роде.
Репортери без граници (РБГ) сметаат дека одлуката за одезмање на лиценцата треба да се повлече.
„Косово: Сериозно е загрозен плурализмот на информации со одбивањето на жалбата на најголемиот приватен медиум во земјата, Клан Косооа! Со оставање на сила на суспензијата на дозволата на телевизијата, владата на Албин Курти ја турка кон затворање. Оваа одлука треба да се повлече“, велат од Репортери без граници.
Мисијата на ОН во Косово ја опиша одлуката на министерството како сериозен удар за косовските независни медиуми.
„Ова е посебен удар врз независните медиуми на Косово, предизвикувајќи сериозна загриженост за медиумските слободи“, рекоа од УНМИК.
Државите на Квинт и ЕУ, исто така, реагираа со изјава дека изразуваат длабока загриженост .
„Одземање на лиценцата на кој било медиум е значаен чекор кој бара сериозно преиспитување. Слободата на изразување и информирање се суштински карактеристики на демократските општества. Очекуваме фер и транспарентен правен процес за решавање на ситуацијата“, реагираа од Квинт и ЕУ.
Шефот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – Мисијата на ОБСЕ во Косово, Мајкл Девенпорт истакна дека оваа одлука дополнително ја продлабочува неговата загриженост.
„Денешната одлука да се потврди суспензијата на лиценцата на Клан Косова ја продлабочува нашата загриженост. Верувам дека во своите дискусии, независната Комисија за медиуми ќе ја почитува својата одговорност за заштита на слободата на медиумите и плурализмот во Косово“, рече Девенпорт.
За суспендирањето на лиценцата на Клан Косова реагираа и политички личности во земјата и организации за медиумите, нарекувајќи ја скандалозна. Поранешниот директор на Клан Косова, Адриатик Келменди, рече дека сè покажало дека постои јасна тенденција за проширување на влијанието во слободните медиуми, и како таква е проследена со нерегуларности што целосно ја разоткрива тенденцијата на власта да почне да влијае врз медиумите.
Еви Шкопи