ВМРО со ист став и по изјавата на Агелер за преговарачката рамка

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да настојува на нова преговарачка рамка со Европската Унија. Коментарот од опозициската партија следува откако во телевизиско интервју американската амбасадорка Анџела Агелер ја оцени како лажна вест можноста некој одново да го преговора веќе постигнатиот договор меѓу Скопје и Брисел. Агелер потсети дека и евроамбасадорот Дејвид Гир, но и високи претставници на Унијата, веќе соопштија дека нов предлог е невозможен и усвоените обврски, меѓу кои и уставните измени за внес на Бугарите се јасни. Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ велат:
„ВМРО-ДПМНЕ се бори и се залага за фер шанса и за заштита на македонскиот идентитет и посебност и тоа се легитимни барања, легитимна борба и ќе продолжиме да се бориме“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, од СДСМ повторија дека во Собранието е време за глас за Европа и обединување околу стратешката цел – членство во Европската Унија. Оттаму ја повикаа опозицијата, како што велат, да се престрои на страната на државните и националните интереси.
„Сите партии, а особено ДПМНЕ да дадат поддршка на Манифестот за преговорите со ЕУ, кој претставува добра основа за обединување на европскиот пат и зад кој застанаа СДСМ и сите политички партии од парламентарното мнозинство. Со поддршката на Манифестот и на уставните измени ДПМНЕ и Мицкоски на дело ќе покажат дека се за европската иднина на државата. Во спротивно, ќе покажат дека сите оние декларативни заложби за ЕУ биле само обичен блеф пред граѓаните, пред домашната и меѓународната јавност“, рекоа од СДСМ.
Засега Манифестот за преговори со ЕУ кој го предложи СДСМ, поддршка има само од владејачките партии. Во партиските позиции околу уставните измени продолжува да нема никакви промени. Пленарната седница на која ќе почне да се расправа за потребата за отворање за Уставот е закажана за во наредниот петок. Расправата може да трае максимум десет дена, но за процесот за промена на Уставот да продолжи, ќе бидат неопходни најмалку 80 гласови.
Спикерот Талат Џафери не ја исклучи можноста седницата да ја прекине и таа да продолжи кога евентуално ќе се обезбеди двотретинско мнозинство. Според опозицијата, ваквиот чекор би бил купување време за да не распишат предвремени парламентарни избори, додека пак претставници на власта кажаа дека ќе бараат поддршка од 80 пратеници до крајот на мандатот на Владата, односно до јуни наредната година.
Лука Андреев