Ковачевски ќе ги договара изборите со опозицијата во „идните месеци“

И покрај повикот на опозицијата, премиерот Димитар Ковачевски е решен следните парламентарни избори да бидат во редовниот термин. Според него, денот на изборите ќе го договараат партиите во наредниот период.
Претходно лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го повика Ковачевски да одреди датум за претстојните избори меѓу двата верски празника напролет, Фитр Бајрам и Велигден.
Од ВМРО-ДПМНЕ сега велат дека власта може да ги одложува изборите за неколку недели или месеци подоцна од рокот што го бара опозицијата, но потоа социјалдемократите ќе загубат, изјави Влатко Ѓорчев во интервју за Алсат.
Последните претседателски избори беа во мај 2019 година, а последните парламентарни во јули 2020-ттата. Опозицијата настојува напролет заедно да се организираат претседателските и парламентарните избори, но власта настојува процесите да бидат одделни.
Фатлуме Дервиши